СВЕТОТ беше шокиран од веста дека почина Лиза Мери Присли (54), кантавторка и ќерка на Елвис и Присила Присли.
Само два дена пред нејзината ненадејна смрт, Лиза беше на доделувањето на наградите „Златен глобус“ и се расплака додека Остин Батлер, актерот кој го толкуваше нејзиниот татко во филмот „Елвис“, го одржа својот победнички говор.
Батлер го доби Златниот глобус за најдобар актер, а за време на својот говор им се заблагодари на Лиза Мери и нејзината мајка Присила Присли бидејќи му помогнале во улогата во филмот, за да може што подобро да го одигра Елвис.
– Сакам да им се заблагодарам на нашите неверојатни продуценти, Ворнер Брос и семејството Присли, ви благодарам што ги отворивте вашите срца и домот и што ги споделивте вашите спомени со нас. Лиза Мери и Присила, ве сакам засекогаш – рече Остин Батлер и ја расплака Лиза Мери.
Исто така, на социјалните мрежи се појави видео од таа ноќ, каде Лиза се мачи да оди, а соработниците ја држат додека одела.
Да потсетиме дека веста за смртта ја потврди нејзината мајка Присила во изјава за People во четвртокот вечерта.
– Со тешко срце морам да ја споделам тажната вест дека нè остави мојата прекрасна ќерка Лиза Мери. Таа беше најстрасната силна жена полна со љубов што некогаш сум ја познавала. Ве молиме за приватност додека се обидуваме да се справиме со оваа длабока загуба. Ви благодариме за љубовта и молитвите – рече таа.
Во четвртокот наутро, Присли итно била пренесена во болница поради срцев удар, од кој на крајот починала. Портпаролот на Одделот на шерифот на округот Лос Анџелес потврди дека болничарите лекувале жена во нејзините 50-ти години која не дише. По пристигнувањето, болничарите почнале со CPR и откако забележале дека пациентката дава знаци на живот, ја префрлиле во локалната болница за итна медицинска помош.
Лиза е родена во Мемфис на 1 февруари 1968 година, точно девет месеци по свадбата на Елвис и Присила. На четиригодишна возраст, таа се преселила во Лос Анџелес со нејзината мајка по разводот на нејзините родители во 1973 година.
Елвис почина во август 1977 година, кога Лиза Мери имаше девет години, правејќи ја заеднички наследник на неговиот имот со дедото Вернон Присли и прабабата Мини Меј Худ Присли. По нивната смрт во 1979 и 1980 година, таа стана единствениот наследник и исто така ја наследи резиденцијата на нејзиниот татко Грејсленд.
(Курир)