Шведските вооружени сили денеска соопштија дека ја зајакнуваат воената готовност на земјата откако е забележана зголемена руска активност во Балтичкото Море „со елементи кои отстапуваат од нормалната слика“.

Генералниот полковник и шеф на операции во шведските вооружени сили Леиф Михаел Класон рече дека тоа не мора да значи зголемена закана, туку дека државата се прилагодува на ситуацијата.

Меѓу другото, Шведска извести за голем број десантни бродови на руската северна морнарица кои впловиле во Балтичкото Море. Генералот Класон рече дека некои мерки преземени од вооружените сили ќе бидат видливи, додека други не.

Тој ќе дејствува во воздухот, на море, под површината и на копно на различни начини и на различни географски локации, додаде тој.

Генерал-мајор Лена Халин, шеф на шведската воена разузнавачка агенција MUST, изјави претходно оваа недела дека ситуацијата е далеку од нормална за шведската безбедност.

„Веќе извесно време развојот на ситуацијата се движи во насока на сериозна безбедносна криза во Европа, а во последните месеци се забрза. Илузија е дека тензиите во Европа ќе бидат привремени“, рече Халин.

Шведска размислува за влез во НАТО?
Шведска не е дел од Северната алијанса, но може да стане. Навистина, за ова се зборува со години, но сега дебатата повторно се разгорува.

Според Политико, малцинската влада на Социјалдемократите и Зелените, како и нивните сојузници од левата партија, цврсто се против влезот во НАТО. Од друга страна, четворица традиционални сојузници на десниот центар – умерената партија, либералите, Централната партија и демохристијаните – се за, тврдејќи дека на Шведска и се потребни безбедносни гаранции во одбраната кои доаѓаат со членството во организацијата.

Во Шведска беше изгласана таканаречената опција НАТО, која и овозможува на земјата во одреден момент да се приклучи на Северната алијанса. Одлуката беше усвоена со 204 гласа „за“, 145 „против“. Иако усвојувањето на опцијата НАТО не значи обврска за влез, сепак се смета за чекор кон тоа. Сепак, има и контра-примери – Финска ја усвои оваа опција во 1995 година, но таа сè уште е надвор од пактот.

НАТО со задоволство би ги прифатил Шведска и Финска
Меѓутоа, НАТО е подготвен да ги прифати Шведска и Финска, доколку двете земји го побараат тоа. Во прилог на тоа говори изјавата на Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.

„Приклучувањето на Шведска и Финска во НАТО може да оди многу брзо ако овие земји решат да аплицираат. Финска и Шведска се многу блиски партнери. Тие се партнери со широки можности. Работевме заедно со нив, вежбавме заедно со нив, трениравме заедно со нив“, изјави Столтенберг пред неколку дена во Брисел.

Тие ги исполнуваат стандардите на НАТО во повеќето области, имаат многу добро организирани и добро управувани одбранбени и безбедносни институции, рече тој.

„Значи, на многу начини, се разбира, тие се многу блиску до НАТО во сите аспекти. Значи, во таа смисла, ова може многу брзо да помине доколку се одлучат да аплицираат. Но, на крајот на денот, ова ќе биде политичка одлука што Шведска и Финска мора да ја донесат доколку сакаат да аплицираат. И мислам дека тоа е политичка одлука меѓу 30 сојузници“, рече Столтенерг.

Потег што ќе го разбесни Путин
Потенцијалниот влез на Шведска и Финска во НАТО може дополнително да ги заостри односите на алијансата со Русија.

Имено, Русија силно се противи на натамошното проширување на НАТО, пред се на исток, односно потенцијален влез во алијансата на Украина, Грузија и Молдавија.

Во екот на кризата поради акумулацијата на руската армија на границата со Украина, Кремљ побара од САД и НАТО гаранции дека Украина нема да стане членка на Алијансата. Тоа беше и централна тема на неколкудневните преговори меѓу американските, НАТО и руските претставници, во Женева, потоа во Брисел и Виена. Москва не ги доби посакуваните гаранции, а Венди Шерман, која ги претставуваше САД во тие преговори, рече дека „ниту една земја не може да биде спречена да стане членка ако сака“.

Истиот проблем за Русија – приближувањето на нејзините граници – може да биде влезот на земји кои имаат излез на Балтичкото Море, важна стратешка точка за Русија.

By Author