Утре е Водокрст, Водопост или Крстовден, првиот ден по Божик во кој се пости, а задутре славиме Водици и крштевањето на Исус во реката Јордан. Во Светата Црква се воспева силата и моќта на Крстот. Се врши крштевање на водата и таа со силата на Светиот Дух добива лековита моќ.

На 18. јануари е Крстовден, голем христијански празник. Во минатото на овој ден се правеле голем број ритуали и обичаи, но денес најголем дел од обичаите се поместени на Богојавление или кај народот познат како Водици.

Вечерта на Водопост штом ќе зајде Сонцето, спроти празникот, христијаните почнуваат да се поздравуваат со „Бог се јави“, а одговараат е „Навистина се јави“!

Нашите стари верувале дека ноќта меѓу 18. и 19. јануари Богојавление-јавувањето или објавата од Бог е време кога за миг се отвора небото за да се вкрстат ветровите што дуваат во зима со оние што дуваат во лето. Во тој миг сите води на светот престануваат да течат, а оној што ќе се затекне на отворено и ќе го види тоа, може од Бог да побара исполнување на една желба.

 Празникот Богојавление  (Епифанија – јавување) се однесува на настанот на Христовото крштевање во реката Јордан од страна на Свети Јован Крстител, кој уште се вика и Претеча што значи претходник. 

Крштевањето  било извршено со три пати потонување во водата, се отворило небото и се слушнал гласот на Отецот Бог кој објавил дека Исус е негов син. Со ова крштевање Исус го означил почетокот на својата мисија и проповедите.

Богојавление е еден од петнаесетте најголеми христијански празници. Него го карактеризираат и голем број други верувања и обичаи кои се практикувале во минатото. Се верува дека немажените девојки, доколку стават огледало под перница на 18 јануари ќе го сонуваат мажот за кој ќе се омажат.

By Author