Турција изврши воздушни напади врз објектите на Курдистанската работничка партија во северен Ирак по обидот за терористички напад во Анкара, соопшти Министерството за национална одбрана на Турција.
-Извршени се воздушни напади врз терористички објекти во областите Метина, Хакурк, Кандил и Гара на северот на Ирак. Уништени се вкупно 20 објекти на терористите, а неутрализирани се голем број терористи, се вели во соопштението на Министерството.
Да потсетиме, силна експлозија одекна во неделата во Анкара, во непосредна близина на зградата на турското МВР, а турските власти соопштија дека се работи за терористички напад.
Вооружениот конфликт со Курдистанската работничка партија започна во Турција во 1984 година, а беше обновен во 2015 година. Во северен Ирак има бази на РПК, против кои турските вооружени сили спроведуваат воздушни и копнени операции. Присуството на турски војници во логорот Зликан североисточно од Мосул долго време е извор на несогласувања меѓу Багдад и Анкара, која го оправдува присуството како потреба од борба против забранетата РПК.