Европскиот парламент сака да ги забрза преговорите со Република Молдавија за пристапување во Унијата. Проруските сили се противат на ова и се обидуваат да ја спречат Молдавија да се приближи до Брисел.

Европскиот парламент се залага за почеток на претпристапните преговори меѓу ЕУ и Република Молдавија веќе оваа година. Но, пред тоа Молдавија мора да преземе одредени чекори за да ги исполни сите потребни предуслови за почеток на преговорите, можеше да се слушне во среда (19.04) од Стразбур. Членството на Молдавија во Европската унија е геостратешка инвестиција во обединета и силна Европа, рекоа некои европски претставници. Веќе во јуни 2022 година, ЕУ ѝ додели на Молдавија статус на земја кандидат – исто како Украина, земјата што Русија ја нападна во февруари минатата година.

По почетокот на руската војна против Украина во февруари минатата година, проевропската влада во Молдавија постојано ја обвинуваше Москва и проруските сили во таа земја дека се обидуваат да ја дестабилизираат Молдавија. Еден од последните „инциденти“ е поврзан со онлајн понудата на Дојче веле (DW) на романски јазик.

ДВ на почетокот на неделата објави анализа на романски јазик за новите обиди на Русија да ја дестабилизира ситуацијата во Молдавија. Но, само за корисниците на понудата на DW во Молдавија (каде што романскиот е официјален јазик), на нивните уреди во тој напис се појави рекламен банер кој повикува на протест во главниот град Кишињев на 7 мај 2023 година – под слоганот „Да ги собориме крадци во владата!“ УРЛ-линкот на тој транспарент води до страницата на опозициската проруска партија Сор на Фејсбук. Рекламниот банер преку Google Ads веќе неколку дена се појавува на неколку молдавски веб-страници, пишува Дојче веле.

Партијата Сор, заедно со Русија, уште од првите денови на руската инвазија на Украина ги интензивираа нападите врз проевропската влада во Кишињев. Молдавската проевропска претседателка Маја Санду и нејзиниот украински колега Володимир Зеленски постојано нагласуваат дека Република Молдавија би можела да биде следната цел на Русија – во случај Украина да биде поразена.

Автономниот регион Гагаузија има репутација на „буре барут“, односно како регион кој е подготвен буквално да експлодира по наредба од Москва. Сепаратистичките движења кои ја „распарчија“ Република Молдавија на два дела на почетокот на 1990-тите почнаа да се шират токму од Гагаузија. Со цел да се спречи обединувањето на Молдавија со Романија, на 17 август 1990 година, во Комрат, во рамките на Советскиот Сојуз, неуставно беше прогласена „Автономна Република Гагаузија“ која во тоа време формално сè уште постоеше.

Иако ЕУ, Романија и САД обезбедуваат значителни финансиски средства за Република Молдавија, а со тоа и за регионот Гагаузија, 98 отсто од жителите на Гагаузија сè уште ги поддржуваат проруските партии на изборите.

By Author