Првично беше објавено дека животот го загубиле 72 лица, но билансот накнадно потоа бил коригиран
Најмалку 45 лица ги загубија животите во тропската бура Налга на Филипините, која предизвика поплави и лизгање на земјиштето во јужните провинции, соопшти денеска Агенцијата за управување со катастрофи на земјата.
Првично беше објавено дека животот го загубиле 72 лица, но агенцијата го коригирала првичниот извештај и навела дека бројот на загинати е помал, но дека 18 лица се водат за исчезнати, пренесе Ројтерс.
Тропската бура, чиј што ветрови достигнувале максимална брзина од 95 километри на час, со удари до 160 километри на час, рано утринава ја погоди источната провинција Катандуанес.
Донесе обилни врнежи и дожд во главниот град на провинцијата, како и во окружните провинции, а потоа продолжи над главниот остров Лузон и се упати кон Јужното Кинеско Море, соопшти државната метеоролошка служба.
Во петокот, спасувачките тимови извлекоа тела од водата и насобраа кал, откако бурата Налга донесе поплави и лизгање на земјиштето. Извлечени се 11 тела, меѓу кои и деца. Повеќе од 7.000 луѓе се евакуирани од патеката на невремето како мерка на претпазливост, соопшти владината агенција за АП.
„Сега ги собираме сите спасувачки тимови и ќе одржиме состанок пред да распоредиме луѓе. Во Магуинданао веќе не врне дожд, па тоа ќе ни ја олесни работата“, рече претставникот на агенцијата за катастрофи Насрула Имам.
Годишно, Филипините ги погодуваат во просек по 20 тропски бури.