Финска и Шведска заедно ќе влезат во НАТО, изјавија денеска премиерите на тие две земји.

Нордиските соседи поднесоа барање за членство во НАТО во мај како одговор на операцијата на Русија во Украина, но се соочија со приговори од Турција, која ги обвини за засолниште на терористички групи.

Финската премиерка Сана Марин рече дека турскиот претседател и рекол дека има повеќе прашања за Шведска отколку за Финска. Но, таа нагласи дека нема Шведска нема да биде напуштена во тој процес.

– Секако, за нас е многу важно Финска и Шведска, рака под рака, да влезат во НАТО – изјави Марин за новинарите на заедничката прес-конференција со нејзиниот шведски колега во Хелсинки. Турскиот претседател Таип Ердоган на почетокот на октомври рече дека неговата земја сè уште се противи на кандидатурата на Шведска.

– Секој чекор досега го направивме рака под рака и никој од нас нема други амбиции – изјави новиот шведски премиер Улф Кристерсон. Тој најави дека наскоро ќе се сретне со Ердоган.

– Сосема е легитимно Турција да добие потврда дека Шведска го прави она на што се обврза во договорот – додаде тој.

Шведскиот весник „Афтонбладет“ цитира извори кои велат дека Турција го поканила Кристерсон на билатерален состанок во Анкара, кој најверојатно ќе се одржи на 8 ноември.

By Author