На граѓаните денеска пред зградата на Владата на Македонија им беа поделени синдикални ќебапи како симбол на вечната борба за работничките права и во знак на незадоволство од најактуелните случувања во македонското општество.

„Наместо да одиме напред, ние се враќаме во времето“, велат синдикалните лидери инспирирани од 60-часовната работна недела за работниците на коридорите 8 и 10Д.

Гневни поради, како што велат, безобразно зголемување на платите на функционерите. „Не може македонскиот работник со две илјади денари зголемување на платата да го издржи месецот, а некој со 78% зголемување на платата да си го тера месецот лежерно и убаво“, изјави Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија.

„Од нашите плати, работникот има само ќебап, а оние со повисоки плати имаат шницли на трпезите за Први мај“, изјави Благоја Ралповски, претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати, објави ТВ Скопје. Телма.

Синдикалците масовно ја поддржаа борбата за работнички права – скандирања, пораки и транспаренти пред клучните институции – Владата и Парламентот.

„Денеска одлучивме само 20 отсто од сите присутни да бидат културни. Останатите 80 отсто ги покачија платите – да ги поздравиме со голем УАА!
Нека не забораваат дека го јадат лебот од нашата пот ги хранат своите семејства. За нас немаше ни осум проценти покачување на платите. Не го забораваме предлог законот за 60-часовната работна недела“, изјави Иван Пешевски, потпретседател на ССМ за приватен сектор.

Еден од првите синдикалци кој речиси половина век активно се бори за работничките права испрати порака до народот – дека нема поделби на политичка основа, бидејќи кај работниците е сила.

„Ниту левата, ниту десната опција – НЕ, туку синдикатот и работниците се првата опција. Време е сите да седнат на маса и да се собереме“, изјави синдикалецот Лазе Георгиевски.

Единствени во пораките, но поделени во присуството – двата синдикати протестираа одвоено и во различен термин.

Извор: Телма

By Author