Медиумската групација „Патриот“ на лидерот на приватната воена компанија „Вагнер“ Евгениј Пригожин се гаси, изјави директорот на едно од нејзините изданија РИА ФАН, Евгениј Зубарев.

Според договорот со кој заврши бунтот, на Пригожин му беше дозволено да замине во егзил во Белорусија, а неговите борци добија избор да му се придружат, да бидат интегрирани во руските вооружени сили или да се вратат дома, објави Ројтерс.

„Патриот медиа“, чиј најистакнат дел беше информативната страница РИА ФАН, беше екстремно националистичка, се залагаше за уредувачка линија на про-Кремљ, истовремено обезбедувајќи позитивно покривање на Пригожин и неговата група „Вагнер“, наведува британската агенција.

„Ја објавувам нашата одлука да го затвориме и да го напуштиме информативниот простор на земјата“, рече директорот на РИА ФАН Евгениј Зубарев во видео клипот објавен доцна синоќа на социјалните мрежи на медиумската групација.
Зубарев не ги наведе причините за таа одлука.

Рускиот весник „Комерсант“ во петокот објави дека Државната служба за следење на комуникациите Роскомнадзор блокирала медиуми поврзани со Пригожин, без дополнително објаснување.

Руските медиуми, исто така, објавија дека „фабриката за тролови“ што, наводно, ја користел Пригожин за да влијае на јавното мислење во странски земји, вклучително и во САД, е распуштена.

Пригожин во февруари призна дека ја основал Агенцијата за истражување на Интернет со седиште во Санкт Петербург, која руските медиуми ја нарекоа „фабрика за тролови“. Нејзините вработени се обвинети за спроведување кампањи за дезинформација на интернет, сите во служба на Кремљ.

By Author