На концертот во Виена, Ролинг Стоунс заедно со украинскиот хор ја изведоа познатата песна „You Can’t Always Get What You Want“ и на тој начин ја искажаа подршката за Украина.

Легендарните рокери настапуваа на стадионот Ернст Хапел во австриската престолнина во петокот (15-ти јули), каде што имаа специјално изненадување за бис.

– „Поминаа долг пат за да бидат овде вечерва“, ѝ рече Мик Џегер на публиката пред да ги претстави машкиот хор „Џвиночок“ и хорот за девојки „Вогник“, откривајќи дека возеле 15 часа од Киев до Виена за да бидат на концертот.

Водачот на хорот Рубен Толмачов потоа им рече на толпата:

– Ова е многу посебна вечер за два хора и животна шанса која не треба да се пропушти. Многу ми е драго што пристигнавме овде во Виена за една ноќ за паметење за сите нас – изјави Толмачов, пренесува NME.

Откако започна руската инвазија на Украина во февруари, музичкиот свет покани многу украински креативци да настапат на глобални настани и со светски познати бендови со цел да го поддржат народот и да ги истакнат ужасите низ кои минуваат.

Минатиот месец, победниците на Евровизија Калуш Оркестар беа поканети да настапат во Гластонбери, а фронтменот Олех Псиук му рече на NME:

– Имаме среќа што воопшто сме тука. Многу сме среќни и ова многу ни значи – изјави Псиук.

By Author