Во желбата да не пропаѓаат парите во сламени вреќи, додека курсот на еврото паѓа, се повеќе се луѓе кои одлучуваат својата долгогодишна заштеда да ја вложат во благородни метали.

Како што изјави, експерт за проценка на вредноста на златото и дијамантите и трговец со благородни метали, не само богатите избираат да ги купат овие метали, туку и студентите и обичните работници, кои се плашат дека нивните заштеди ќе станат безвредни.

– На почетокот на короната, една жена купи инвестициско злато наместо нова кујна и апарати, што беше нејзиниот првичен план. Исто така, една девојка се откажала од купување стан, бидејќи со парите што ги имала не можела да си ја дозволи посакуваната квадратура, а сега чека уште повеќе да порасне цената на златото, а недвижностите да паднат. Имаме и големи муштерии, но и студенти кои купуваат грам-два, па им даваме посебен попуст. Вредноста на златото секогаш се зголемува поради криза. Побарувачката за инвестициско злато скокна со појавата на корона вирусот и избувнувањето на војната во Украина, главно за да се обезбеди т.н. фонд за заштита на семејството. Тоа значи 50 грама чисто злато, кое е потребно за една година. Имено, еден грам злато на едно четиричлено семејство отсекогаш му обезбедувал една недела егзистенција. Добро би било да се има резерви на злато за три години, колку што обично трае сериозната криза, како оваа што доаѓа.

БЕЗБЕДНОСТ ЗА СЕМЕЈСТВОТО

Нашиот соговорник наведува дека често им дава совети каде да ги чуваат благородните метали на оние што ги купуваат.

– Тука треба да се искористи креативноста. На пример, не е добро да се закопа во градината, бидејќи на соседите ќе им биде сомнително ако копате среде зима, или во казанчето за вода, бидејќи сите знаат за тоа.

Тој наведува дека му се чини дека граѓаните ги научиле лекциите од деведесеттите години на минатиот век, кога поради инфлацијата се потпирале на девизи, главно германски марки.

– Денеска нема сигурна валута, па граѓаните се принудени да инвестираат во злато и дијаманти. Верувајте ми, оние кои го купуваат тоа го прават за да преживеат и да си го обезбедат своето семејство во овие кризни времиња.

Оние кои се одлучуваат да купат златници наместо шипки мора да знаат дека тие не се доволно сигурна инвестиција.

СЕРТИФИКАТ КАКО ГАРАНЦИЈА

Тој посочува дека на пазарот има копии од дукати, поради што се оправдани сомнежите за нивната автентичност.

– Кога зборуваме за злато за накит, треба да знаете дека, на пример, 14-каратното злато има ознака 585, што значи дека во таа легура има 58,5% злато, додека инвестициското злато е чисто и е означено со 999,9. На крајот на краиштата, при купување накит, трошоците за дизајн, производство, ДДВ и означување претставуваат загуба, така што набавната цена на накитот е 40-45% од неговата продажна вредност.


By Author