Русија денес изјави дека сака на првиот состанок меѓу Владимир Путин и Џо Бајден на 16 јуни да разговара за човековите права и гонењето на напаѓачите врз Капитол кое се случи на 6 јануари.
“Подготвени сме да разговараме и немаме табу теми. Ќе разговараме за она што сметаме дека е потребно и ќе бидеме подготвени да одговориме на сите прашања покренати од американска страна. Ова важи и за човековите права”, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на прес-конференција.
Тој додаде дека Москва е „подготвена“ да разговара за „проблемите што постојат во САД“, додавајќи дека е „многу заинтересирана за гонење на обвинетите за немирите на 6 јануари“, кога приврзаниците на поранешниот претседател Доналд Трамп упаднаа во Капитол Хил, каде е сместен конгресот.
„Во САД се случуваат многу интересни работи, од перспектива на човековите права, и од перспектива на заштита на опозицијата“, рече Лавров, одговарајќи на новинарско прашање дали Москва е подготвена да разговара за опозицијата и состојбата со човековите права во Русија.
Бајден вчера вети дека ќе му каже на Путин дека Соединетите држави нема „да стојат со скрстени раце“ додека Русија „ги крши“ човековите права.
Односите меѓу САД и Русија се на најниско ниво заради несогласувања околу големите меѓународни прашања, како резултат на меѓусебното протерување на дипломатите, обвинувањата за мешање во изборите, шпионажата и сајбер нападите кои и се припишуваат на Москва.
Фото:EPA/ MAXIM SHIPENKOV