Приведени три лица, родители го принудувале детето да дава сексуални услуги
На 29.11.2021 година, по претходно донесена наредба за спроведување истражна постапка од страна на Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во содејство на Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе- Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал и СВР Скопје-Единица за интервентна полиција при БЈБ-МВР, од страна на судија на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје, беа издадени наредби за приведување на три лица поради основано сомнение дека се сторители на кривични дела „трговија со дете“ по чл.418-г и „родосквернавење“ по чл.194 од КЗ на РСМ.
Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во координација со СВР Скопје-Единица за интервентна полиција и ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи Скопје, презеде мерки и активности за постапување по наредбата и лишување од слобода на три лица за кои постојат основи на сомневање дека се сторители на овие кривични дела.
Притоа, лишени од слобода се три лица и тоа родителите на детето Ш.А. (48) и Н.А. (41), како и А.К.(61), корисник на сексуални активности од дете кое не наполнило 14 години, тројцата од Скопје, при што во текот на денешниот ден се изнесени пред Судија на претходна постапка, кој им одредил мерка притвор во траење од 30 дена. Поради фактот што Ш.А. и Н.А. се во брачна заедница, од која имаат малолетни деца, ангажирани се претставници од ЈУМЦСР Скопје, за соодветно згрижување на децата.
240 санкции за брзо возење
Во текот на вчерашниот ден (29.11.2021) Министерството за внатрешни работи спроведе зајакната акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 240 возачи. Од нив, 12 возилa се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Засилените акциски контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта.
Претрес во Штип, пронајдена дрога и украдени предмети
На 29.11.2021 од страна на полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога при СВР Штип била лишена од слобода Д.Ц.(49) од Штип. При претрес извршен со судска наредба во нејзиниот дом биле пронајдени и одземени 13 пакувања прашкаста материја и предмети кои потекнуваат од кривични дела „кражба“ и „тешка кражба“. Д.Ц. е приведена во полициска станица и по комплетно документирање на случаите, против неа ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Средба на министерот Спасовски со италијанската министерка за внатрешни работи Ламорџезе
Соработката меѓу Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи на Италијанската Република е на високо професионално ниво, со брза, калитетна и ефикасна размена на оперативни сознанија и оваа соработка постојано се подобрува и се одвива во духот на традиционалните пријателски односи меѓу двете земји, потенцираа на денешната средба во Скопје министрите Оливер Спасовски и Лучана Ламорџезе.
Министерот Спасовски и се заблагодари на министерката Ламорџезе и за нејзиното учество на Комитетот на министри на Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа во рамки на претседавањето на Република Северна Македонија.
Досегашната соработка помеѓу двете полиции се одвива во повеќе области, како што се унапредувањето и поддршката преку разни видови на едукација, обуки, студиски посети и работилници, потоа координација на проекти финансирани од ЕУ за поддршка и развој на институционалните капацитети во борбата против организиран криминал и корупција, оперативната соработка во областите на недозволена трговија со дрога, тероризмот, радикалниот екстремизам, финансиски криминал и корупција, корупција во спортот, илегалната миграција, недозволената трговија со културни добра итн.
Министерот Спасовски потенцира дека една од клучните активности во борбата против актуелните безбедносни предизвици претставува напредокот во реализирање на меѓународната соработка и зголемената размена на информации, која покрај преку веќе воспоставените канали за размена на информации како што се Европол, Интерпол… е овозможена и преку членување во меѓународните организации, иницијативи, договори, конвенции… Поддршката од страна на италијанските институции, рече Спасовски, и понатаму ќе биде од големо значење особено во полето на борба против организираниот криминал и корупцијата, кои се врвен стратешки приоритет на владите од земјите на Западен Балкан.
Министерката Ламорџезе изрази подготвеност за дополнително продлабочување на соработката, а ја потенцира и поддршката што Италија ја дава на Република Северна Македонија за почеток на преговорите со ЕУ. Во склоп на поддршката за Република Северна Македонија е и донацијата од 250.380 вакцини „фајзер“ кои ќе бидат донирани од Италија. Министерката Ламорџезе го покани министерот Спасовски да го посети Рим и во таа прилика да биде потпишан Меморандумот за соработка во борбата против трговија со дрога.