Портокаловата фаза ќе биде активна и следната недела. Од УХМР информираат дека подрачјето на нашата земја ќе биде под влијание на топол бран.
Високите температури и високата влажност, кои се чести придружници на летото, претставуваат сериозна закана за здравјето на луѓето, особено ако траат неколку дена по ред.
Посебно чувствителни на овие временски услови се постарите лица, децата, трудниците и лицата кои боледуваат од кардиоваскуларни, цереброваскуларни, респираторни, дијабетес и други хронични заболувања.
Топлотниот удар е состојба кога телото се прегрева за кратко време. Таа се појавува брзо и одеднаш, поради тоа што телото не може да ја одржи температурата во нормалните граници.
Симптомите на топлотен удар се висока телесна температура, општа слабост, топла и сува кожа без потење, забрзан пулс и дишење, пад на крвниот притисок, главоболка, гадење, повраќање, вртоглавица и понекогаш онесвестување.
Поблагата форма на топлотниот удар односно топлотната исцрпеност се случува поради прекумерна физичка активност, кога надворешната температура е висока исто како и влажноста на воздухот. Оваа состојба се манифестира со потење, грчеви во мускулите, главоболка, повраќање, пад на крвниот притисок и губење на свеста.
Кои се препораките?
Одржавајте го вашиот дом свеж
– Одржувајте го станот ладен.
– Температурата во просторијата треба да биде под 32°C во текот на денот и под 24°C во текот на ноќта. Ова е особено важно за децата, лицата над 60 години или лицата со хронични здравствени проблеми.
– Вентилаторите можат да обезбедат олеснување, но кога температурата во просторијата е над 35°C тие не се ефективни, дури можат да бидат штетни бидејќи ја поттикнуваат циркулацијата на топол воздух.
– Дневните простории треба да се проветруваат во текот на ноќта, а во текот на денот да се затворат прозорците и да се спуштаат заштитните ролетни.
Избегнувајте жештините
– Останете во сенка и избегнувајте директно изложување на сонце.
– Избегнувајте излегување во најтоплиот дел од денот, од 10 до 17 часот.
– Ако не е можно да се осигурате дека вашиот дом (или барем една соба во станот) се лади, треба да поминувате 2-3 часа дневно во разладен простор (како што се климатизирани јавни згради итн.).
– Доколку морате да правите напорни активности, правете го тоа во поладниот дел од денот, кој обично е наутро помеѓу 04:00 и 07:00 часот.
– Избегнувајте тешка физичка работа во најтоплиот дел од денот. За време на работата се препорачува да правите чести и кратки паузи за да се освежите.
Пијте доволно течности и разладете се
– Редовно пијте доволно течности, не чекајте да почувствувате жед.
– Погрижете се секогаш да имате вода за пиење со вас.
– Избегнувајте алкохол, газирани, зашеќерени и премногу разладени пијалоци и не претерувајте со пијалоци кои содржат кофеин.
– Туширајте се и капете се неколку пати на ден со млака вода.
– Може да се користат и ладни облоги, крпи, сунѓери, ладење на нозете во ладна вода и сл.
Јадете помали, полесни оброци почесто
– Јадете доволно свежо, добро измиено овошје и зеленчук.
– Избегнувајте мрсна и зачинета храна, сушени месни производи, како и слатки
Облечете се соодветно
– Носете лесна, удобна облека од природни материјали (тие се подобар избор од синтетичките материјали бидејќи ја апсорбираат потта и не го попречуваат нејзиното отстранување од кожата).
– Користете лесна постелнина, по можност без перници, за да избегнете акумулација на топлина.
– Ако излегувате, носете капи со широк обод и очила за сонце.
– Користете креми за сончање со широк спектар.
– Долготрајното изложување на сонце може да предизвика оштетување на кожата, изгореници, алергии, оштетување на очите и други дегенеративни и малигни заболувања на кожата.