Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан изјави денеска дека воените злосторства на израелскиот режим против палестинскиот народ мора итно да се запрат.

На заедничката прес-конференција со неговиот либански колега Абдула Бухабиб во Бејрут, тој рече дека е договорено итно да се одржи состанок на ниво на исламски земји, со цел „да се запре злосторството врз невините луѓе“.

Иранскиот министер оцени дека Соединетите Американски Држави со испраќање различни пораки на двете страни повикуваат на воздржаност, а во исто време испраќаат оружје за Израел.

– Криминалниот режим на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е вмешан во убиството на палестинските жени и деца во Газа. САД не можат да испраќаат оружје и бомби за да ги убијат Палестинците со едната рака, а со другата ги повикуваат двете страни на воздржаност – рече тој, пренесува ИРНА.

Бухабиб рече дека сите треба да вршат притисок врз Израел да ја прекине војната, а стабилноста во регионот, како што наведе, може да се постигне само со праведно решение за Палестина.
Тој изјави дека разговарал со својот ирански колега за спречување на ескалација на војната.

– Стоиме со палестинскиот народ и бараме прекин на опсадата на Газа. Ги осудуваме и злосторствата на ционистичкиот режим – рече либанскиот дипломат.

Амирабдолахиан денеска разговараше за ситуацијата во Газа со премиерот на Либан, Наџиб Микати и генералниот секретар на либанската милитантна група Хезболах, Саид Хасан Насрала.

By Author