Судирите меѓу Израел и Хамас влегоа во седмиот ден, загинаа повеќе од 1.700 Палестинци, од кои 500 деца и 276 жени, додека бројот на убиени Израелци за шест дена надмина 1.300. Министерството за здравство соопшти дека во судирите се ранети над 6.300 лица од двете страни, додека судбината на неколку стотици киднапирани се уште не е позната.

Израелската војска ги зајакна силите во северен Израел во последниве денови, поради стравувањата дека терористичката група Хезболах со седиште во Либан ќе отвори втор фронт поради војната предизвикана од инвазијата на Хамас врз јужен Израел од Појасот Газа.

Либанското движење Хезболах, поддржано од Иран, денеска соопшти дека е подготвено да му се придружи на Хамас во војната против Израел кога ќе дојде време.

„Ние сме целосно подготвени и кога ќе дојде време за акција, ќе преземеме“, рече заменик-шефот на Хезболах, Наим Касем, на митингот за поддршка на Палестинците во јужните предградија на Бејрут, објави „Times of Israel“.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) прогласија одредени области во северниот град Метула за затворена воена зона, соопштија денеска локалните власти.

Затворената воена зона се однесува само на делови од градот во близина на граничната ограда со Либан, објави израелското воено радио.

Жителите на Метула беа советувани да го напуштат градот во последните денови поради воените тензии.

By Author