Кривичниот суд во Скопје ги прогласи за виновни и ги осуди на високи затворски казни обвинетите Анџело Ѓорѓиевски, Андрес Костовски и Климентина Левковска за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот пред дискотеката „Привилиџ“ во Градскиот парк.

Првообвинетиот Анџело Ѓоргиевски осуден на 18 години казна затвор, на иста затворска казна судот ја осуди и Клементина Левковска, додека третообвинетиот Андреј Костовски го осуди на 16 години затвор.

Судот исто така им наложи на осудените на родителите на Тот, да им платат износ од по 9 милиони денари, а на братот износ од 8 милиони денари во рок од 6 месеци по пресудата.

Судот исто така им го продолжи притворот се до правосилноста на пресудата, поради постоење опасност од бегство. Сите тројца побараа поблага мерка притвор потенцирајќи дека не се обидувале да избегаат.

Претходно обвинителката Тања Трајчевска, во завршните зборови, побара осудителна пресуда за обвинетите, посочувајќи дека имало умисла позади нивното постапување.

Според обвинителката, оштетениот бил доведен во нерамноправна позиција, бидејќи, како што рече, бил нападнат од тројца кои што му задале удари по виталните делови од телото, во пределот на главата, каде што подоцна се констатирни животозагрозувачки повреди.

Таа посочи дека од доказната постапка произлезе дека обвинетите го сториле кривичното дело на начин, време и место како што е опишано во обвинителниот акт и побара од судот да пресуди по однос на истите, имајќи ги предвид сите олеснителни и отежнувачки околности.

Полномошникот на законскиот застапник предјави оштетно побарување за Игор Тот, Татјана Тот и Борис Тот, за сите соодветно, во износ од 9 милиони денари.

Обвинителството ги гонеше обвинетите Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќниот клуб „Привилиџ“ во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.

Телма

By Author