Главниот портпарол на израелската армија го повтори својот повик до жителите на Газа да се евакуираат на југ бидејќи рече дека „наскоро“ ќе следи напад врз градот Газа.

„Тоа е за ваша лична безбедност“, рече контраадмиралот Даниел Хагари во телевизиско обраќање. Тој не кажа кога точно ќе започне операцијата, пренесува Index.hr.

Израелската армија (ИД) денеска објави дека ги завршува подготовките за „значајна копнена операција“ во Појасот Газа.

Во соопштението се вели дека ИД е подготвена да ја „прошири офанзивата“ со спроведување на „широк опсег на офанзивни оперативни планови“, за кои се вели дека вклучува „заеднички и координиран воздушен, морски и копнен напад“, објави „Тајмс оф Израел“.

Од ИД велат дека го финализираат регрутирањето на стотици илјади резервисти, додека Дирекцијата за логистика работи на обезбедување на војниците со сета опрема што им е потребна за копнена офанзива, пренесува Танјуг.

Во изминатите неколку дена оружјето потребено за борба беше префрлено на собирни пунктови, а во оваа фаза различни единици на Дирекцијата за технологија и логистика работат на комплетирање и оспособување на оружјето и нивно опремување по потреба со напредни борбена опрема, соопшти израелската армија.

Баталјоните и војниците на ИД се распоредени низ целата земја и се подготвени да ја зголемат подготвеноста за следните фази од војната, со акцент на значајна копнена операција, се вели во соопштението.

Израелските воздухопловни сили веќе една недела вршат напади на градот Газа, а претставник на Министерството за здравство на Газа претходно го опиша градот како „застрашувачко поприште на уништување“.

Контраадмиралот Хагари, исто така, го обвини Хамас дека се обидува да користи цивили како „човечки штит“. Израелската војска претходно тврдеше дека има доказ дека милитантната група поставила блокада на патот на централната рута, спречувајќи ги луѓето да бегаат на југ.

By Author