Во центарот на Сиднеј денеска пожарникарите се борат со големиот пожар кој зафати катна зграда, и го зави целиот град во чад, а околните улици се затворени. Итните служби ја оградиле областа, а засега нема информации за повредени.
Според објавените снимки, зградата се наоѓа во близина на централната железничка станица во Сиднеј, пренесува Ројтерс.
Од секој прозорец излегува пламен, веројатно најголемиот пожар што сум го видел во животот, се само дел од коментарите на загрижените граѓани.
Како што јавија австралиските медиуми, пожарот започнал на седумкатница во Сари Хилс, во строгиот центар на градот.
Во гаснењето на пожарот учествуваат повеќе од 100 пожарникари со 20 противпожарни возила.
Стотици луѓе беа евакуирани, а делови од зградата се срушиле на тротоарот.
Лесниот железнички сообраќај во близина на пожарот е во прекин до понатамошно известување, соопштија локалните власти. Портпаролот на полицијата на Нов Јужен Велс изјави дека нема информации за повредени.