Беше само прашање на време кога ќе дојде на „наплата“ најострото зголемување на каматите – забележано во последните неколку децении.
Наскоро, можеби, би можело да се случи она на што Европа долго време се надеваше, барем кога станува збор за граѓаните-купувачи на недвижности.
Имено, Европската централна банка (ЕЦБ) предупредува дека цените на становите во еврозоната би можеле да паднат „вртоглаво“, бидејќи поради високите каматни стапки – становите остануваат недостапни за голем број граѓани.
Исто така, во исто време, тие остануваат неатрактивни за инвеститорите, велат од ЕЦБ.
Тоа е еден од неколкуте ризици нагласени во анализата на ЕЦБ за финансиската стабилност, при што повисоките трошоци за задолжување и побавниот економски раст им штетат на фирмите и домаќинствата.
Уште од јули минатата година, ЕЦБ се обидува да ја скроти инфлацијата со зголемување на каматните стапки и се чини дека ќе опстои на намерата да ја задржи монетарната политика строга и во наредните месеци, забележува Ројтерс.
„Падот на цените на недвижностите може да стане хаотичен“, соопшти Европската централна банка.
Во секој случај, прашање беше кога најострото зголемување на каматите – забележано во последните неколку децении – ќе дојде до „наплата“, односно кога ќе почне да се чувствува на пазарот на недвижности, кој доживуваше бум од година во година.
„Гледајќи напред, падот на цените на недвижностите би можел да стане хаотичен, бидејќи зголемувањето на каматните стапки на новите хипотекарни заеми се повеќе ја загрозува нивната достапност и го зголемува товарот на каматите на постоечките хипотекарни заеми“, предупредува ЕЦБ.
Ова особено важи за земјите каде што преовладуваат хипотекарните заеми со променлива каматна стапка, со особени ризици за три европски градови: Берлин, Париз, Мадрид…
ЕЦБ, исто така, вели дека регионите каде што институционалните инвеститори зазеле големи позиции на пазарот на станбен имот – би можеле да добијат поголем удар ако капиталот се повлече. Значи, првенствено вклучува делови од западна Германија и главни градови како Париз, Мадрид, Лисабон, но и Даблин.
Од друга страна, Банката наведува дека на домаќинствата „им оди на рака“ силниот пазар на труд, што значи дека веројатно помалку граѓани ќе имаат проблеми со отплата на хипотекарните кредити поради губење на работни места, покажува анализата.