Летото е во воздух, чадот од цигарите не е, барем не во шведските барови и ресторани на отворено.
И додека Светската здравствена организација денеска го одбележува „Светскиот ден без тутун“, Шведска, која има најниска стапка на пушење во Европската унија, е блиску до прогласување за земја „без чад“ – ознаката што ја добива кога има помалку од 5 проценти пушачи на дневна основа..
Многу експерти ги признаваат децениските кампањи и закони против пушењето, додека други веруваат дека тоа е постигнато поради зголемената распространетост на „снус“, тутунски производ без чад кој е забранет на друго место во ЕУ, но се продава во Шведска како алтернатива на цигарите, се посочува во анализата на АП.
Без оглед на причината, пресвртницата од 5 проценти сега е на дофат. Само 6,4 отсто од Швеѓаните постари од 15 години биле пушачи во 2019 година, што е најниско во ЕУ и далеку под просекот од 18,5 отсто, според статистиката на Евростат.
Податоците на Шведската агенција за јавно здравје покажуваат дека стапката на пушење продолжи да се намалува оттогаш, достигнувајќи 5,6 отсто минатата година.
Швеѓаните кои добро се грижат за своето здравје, вклучително и помладата генерација, се чини дека добро ги разбираат ризиците од пушењето. Пред 20 години, речиси една петтина од населението беа пушачи – што во тоа време представуваше ниска стапка во светот. Оттогаш, мерките против пушењето ги намалија стапките на пушење низ Европа, вклучително и забраните за пушење во рестораните.