Нов бран на лошо време денеска го зафати централниот дел на Грција. Силниот дожд оштети патишта, поплави села и предизвика поројни поплави кои носеа се пред себе на островот Евија. Патиштата беа уништени и претворени во порои, додека количеството кал што се симна од планините и заврши во морето ја промени бојата на водата.

Екипи на армијата и општините ги расчистија патиштата во близина на градовите Лимни и Мантуди погодени од поплавите на северот на островот, каде што противпожарната служба прими десетици повици за помош од поплавените домаќинства, пренесе АП.

Властите остануваат во состојба на готовност во централна Грција и околните острови каде што огромното невреме предизвика големи штети на почетокот на овој месец и уби 16 луѓе.

Владата објави дека првичната проценка на штетата надминува две милијарди евра, а само поправките на инфраструктурата се очекува да чинат речиси 700 милиони евра.

„Ќе го повторам очигледното: зачестеноста на (временските) напади поради климатската криза е нешто што бара од нас да ја интегрираме цивилната заштита (во нашиот одговор)“, рече грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на денешната седница на владата.

Тој посочи дека приспособувањето кон климатската криза е главен приоритет на грчката политика.

Поради лошо време затворен е патот што го поврзува Мантуди со Прокопи, додека во Дервен се случи одрон. Според метеоролозите, во петок се очекува подобрување на времето.

By Author