Студентите полагаа универзитетски испит, соопштија официјалните лица од центарот.
Полицијата во Кабул соопшти дека во експлозија во образовен центар во главниот град на Авганистан загинале најмалку 19 лица, а многу други се повредени.
Експлозијата се случила во образовниот центар Кај во областа Даште Барчи на запад од градот.
Студентите полагаа универзитетски испит, соопштија претставници од центарот, пренесува Би-би-си.
Многу од оние што живеат во областа се припадници на малцинството Хазари, кое беше цел на претходни напади.
Се уште ниту една група не ја презеде одговорноста за експлозијата.
Портпаролот на полицијата во Кабул објави и дека во нападот се повредени 27 лица и дека се случил во образовниот центар каде се одржувал приемниот испит.
Според Ројтерс, училиштата во Авганистан обично се затворени во петок.
– Нападот врз цивилни цели ја докажува непријателската нечовечка суровост и недостаток на морални стандарди – изјави портпаролот на полицијата.
Тој додаде дека безбедносните сили пристигнале во областа и дека истрагата е во тек.
Сведок кој зборуваше за Ројтерс под услов да остане анонимен, рече дека бомбашот самоубиец го активирал експлозивот во образовниот центар.
Откако талибанците ја презедоа власта во Авганистан во август 2021 година, според британската агенција, имало повеќе смртоносни експлозии во џамии и цивилни области.