Тешко вооружена полиција денеска упадна во двокатна куќа во предградието на Барселона, за која се испоставило дека е полна со растенија марихуана.
Според полициското соопштение, пронајдени се дури 600 растенија, пренесува Ројтерс. Употребата на канабис е дозволена во Шпанија, а Барселона е домаќин на најголемиот европски саем на тема канабис, наведува агенцијата.
Сепак, полицијата вели дека организираниот криминал поврзан со марихуаната, кој е во пораст, прави делови од регионот да бидат опасно место и дека проблемот треба да се реши за да се спречи дополнително зајакнување на бандите.
Полицијата додаде дека тие главно не се насочени кон малите одгледувачи или корисници, туку нарко кланови водени од профит кои извезуваат најголем дел од канабисот во странство.
Минатата година каталонската полиција заплени 26 тони пупки марихуана, три пати повеќе отколку во 2021 година, и уапси 2.130 луѓе.
Таа количина пупки вреди околу 156 милиони евра во Каталонија, каде грам марихуана чини и до шест евра.
Истовремено, во другите европски земји би се продавала по два до четири пати повисока цена.