Граѓаните честопати ги изедначуваат празниците Задушница и Духовден, кои овој викенд ќе се одбележуваат меѓу православните христијани, како денови на еден ист празник посветен на мртвите.
Во суштина станува збор за сосема два различни дена, со различни црковни значења. Задушница е ден кога се слави споменот на починатите, се паѓа секогаш во саботата пред Духовден, кој пак се слави секогаш во недела и го означува слегувањето на Светиот Дух.
Теолозите велат дека нашиот народ ги помешал овие два празници, па така голем дел од нив го поврзуваат Духовден со „духови“ и сметаат дека духовите на умрените стануваат од гробовите на овој ден и шетаат низ гробиштата.
– Задушницата со празникот Духовден нема никаква врска, освен тоа што се поврзани календарски. Суштински, православно, Задушница е сосема нешто различно од празникот Духовден.
Теолозите објаснуваат дека Задушница секогаш се паѓа во сабота и тој ден е посветен на споменот на починатите.
– Самиот збор задушница значи „за душата“. И според оваа терминологија, тоа подразбира принесување жртви и молитви. Задушница тоа се денови во годината кога христијаните својот молитвен труд го посветуваат за упокоените христијани.
Под принесување жртва се подразбира варена пченица и вино, а во некои краишта се принесува и леб. И на тоа се ограничува принесување на жртвата, зашто во православната црква има само бескрвна жртва.
Православните христијани в недела го слават еден од 12-те најголеми христијански празници, празникот Духовден. Овој празник како и велигден се слави три дена.
Духовден или Дуовден — еден од најголемите 12 христијански празници. Се нарекува уште и Педесетница и е еден од најсветите празници во христијанството во кој се слави слегувањето на Светиот дух врз апостолите на педесеттиот ден од Христовото воскресение. Овој настан претставува исполнување на старозаветните месијански пророштва.
– Овој празник, всушност, означува роденден на црквата, зашто со слегувањето на Светиот Дух се основа црквата, се собираат апостолите и сите оние кои поверувале и биле крстени од нивна страна, сите се собираат во едно тело чија глава е самиот Господ Исус Христос – додава свештенството.