Франција денеска повторно се соочува со нов еднодневен штрајк поради контроверзната пензиска реформа која ќе ја зголеми старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години.

Протестите против планот на Макрон беа главно мирни, но ескалираа кога владата усвои нацрт-закон без гласање во парламентот, повикувајќи се на член од Уставот.

Во текот на последниот ден од протестот во четврток, 23 март, демонстрантите во Париз кршеа излози, уништија автобуски станици, а ресторанот за брза храна „Мекдоналдс“ беше ограбен. Слично насилство беше регистрирано и во други градови низ Франција.

Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин предупреди дека постои многу сериозен ризик насилството да се повтори денеска, како во Париз, така и во другите градови. Околу 13.000 полицајци денеска беа распоредени за следење на собирите, од кои помалку од половина се во Париз.

Според него, екстремно левичарски организации најавиле дека сакаат да ја „запалат Франција“.

Полицијата ги советуваше сопствениците во близина на протестниот собир во Париз да ги задржат своите продавници затворени денеска.

Организациите за човекови права и меѓународните организации ја осудија прекумерната употреба на сила во минатите протести.

Голем број штрајкови во Франција започнаа од средината на јануари и денеска се очекува како и досега да има проблеми во железничкиот и авиосообраќајот, а затворени се и бројни училишта.

Најмалку шест од седум рафинерии во Франција вчера престанаа да работат или работат со намален капацитет, а блокирани се и терминалите за течен гас.

Властите тврдат дека реформата на пензискиот систем е клучна за да се спречи колапс, додека синдикатите и демонстрантите веруваат дека има и други начини да се постигне тоа, пренесува Ројтерс.

Синдикатите побараа од Макрон, за да ги смири тензиите, да се повлече или да почека со предлог-законот, кој е усвоен, но се уште не објавен, до ревизијата на Уставниот суд. Макрон изрази подготвеност да разговара со синдикатите, но на друга тема.

By Author