Поранешниот американски претседател Доналд Трамп во вторник ќе објави дека е „кандидат за претседателските избори“ во 2024 година, потврди неговиот близок советник.
Магнатот за недвижности претходно навести дека може да се кандидира, ветувајќи „голема објава“ од неговиот дом во Флорида во вторник.
Содржината на таа објава навистина не предизвика голема неизвесност последните денови, истакнува Франс прес, пренесува N1.
Поранешниот претседател Трамп „во вторник ќе објави дека е кандидат за претседателските избори“. И тоа ќе биде многу професионална, многу уредна најава“, рече неговиот советник Џејсон Милер во подкастот „Воена соба“ на Стив Банон, уште еден близок пријател на Доналд Трамп.
Овој 76-годишен републиканец смета дека прашањето за неговата кандидатура „не треба ни да се поставува“, објасни Милер.
Тоа ќе биде трета кандидатура на Доналд Трамп. Но, дури и ако неговото влијание врз Републиканската партија остане неоспорено, тој сепак ќе се појави ослабен после меѓуизборите во вторникот, на кои не успеаја многу негови истомисленици.
Спротивно на тоа, гувернерот на Флорида Рон ДеСантис, новата ѕвезда на цврстата десница, беше триумфално реизбран. Таа победа го зацврсти неговото место како потенцијален предизвикувач на поранешниот претседател за републиканската номинација.