Протестите за смртта на младата Иранка во Техеран не стивнуваат, а меѓу стотиците уапсени граѓани е и Фаиза Рафсанџани, ќерката на починатиот ирански претседател Акбар Хашеми Рафсанџани.
Масовни протести, без преседан од 2019 година, досега беа поврзани со тешката економска ситуација, падот на стандардот, поскапувањето или немаштија, а ова е првпат теократската влада да се соочи со општ гнев поради однесувањето на т.н. морална полиција, која, од победата на исламската револуција во 1979 година, гарантира дека јавниот живот е усогласен со најстрогите норми на исламското право, шеријатот.
Протестите започнаа по смртта на младата Иранка Махса Амини, која полицијата ја приведе поради непрописно носење хиџаб, по што почина во притвор.
Според полуофицијалната новинска агенција Тасним, Фаиза Рафсанџани во вторникот била приведена од членови на агенцијата за безбедност поради „поттикнување немири во источниот дел на Техеран“. Агенцијата тврди и дека овие „провокации“ не успеале да ги изнесат луѓето на улица.
Хашеми (59), познат активист за правата на жените, неколку пати бил мета на иранските безбедносни агенции поради наводни „антивладини“ активности, јавува Анадолија.
Во јули минатата година таа беше обвинета за „пропагандна активност против Исламската Република“ поради нејзините коментари за иранската Национална гарда.
Таа, исто така, наводно рекла дека исламскиот пророк Мухамед потрошил пари на неговата сопруга Кадија „деловна жена“, што судските власти го опишаа како „богохулство“.
Во септември 2012 година, Хашеми помина шест месеци во затвор во Техеран под обвинение за „пропагандни активности“ поради тврдењето дека членовите на иранското правосудство се „насилници“ кои напаѓаат граѓани.
Пред тоа, таа беше апсена неколку пати за време на немирите во 2009 година предизвикани од спорниот избор на тогашниот претседател Махмуд Ахмадинеџад.
Таткото на Фаиза беше претседател на Иран од 1989 до 1997 година и тој важеше за реформист. Тој имаше неколку важни функции во текот на богатата политичка кариера пред да почине во 2017 година.