Војната во Украина денеска влезе во 468-от ден.
Украинската армија ги обвини Русите дека ја кренале во воздух браната
Браната Каховка во јужна Украина е крената во воздух, соопштија во вторник украинските и руските власти. Постои страв дека населените места низводно долж реката Днепар би можеле да бидат поплавени, поради што започна евакуацијата на населението. Киев ја обвинува Русија за нападот на браната.
Хидроцентралата од советско време го снабдува со вода полуостровот Крим, кој беше анектиран од Русија во 2014 година, и нуклеарната централа во Запорожје, која од минатата година е под руска контрола.
„Каховка беше крената во воздух од руските окупаторски сили. Степенот на уништувањето, брзината и обемот на вода, како и веројатните области на поплави се разјаснуваат“, објави јужната команда на вооружените сили на Украина на својата Фејсбук страница во вторник наутро.
Украинската регионална управа во Херсон соопшти дека нивото на водата за пет часа ќе достигне критично ниво и почна евакуацијата на населението од опасните подрачја.
Руските служби за итни случаи соопштија дека околу 80 населби низводно од браната би можеле да бидат погодени, додека руската државна новинска агенција ТАСС објави дека сè уште нема „критична опасност“ за нуклеарната централа Запорожје.
Русите го нападнаа Киев
Русија во текот на ноќта започна нов бран воздушни напади врз Киев, а властите во главниот град на Украина соопштија дека системите за противвоздушна одбрана собориле повеќе од 20 руски крстосувачки ракети, пренесе Ројтерс.
– Сите беа соборени, немаше удари – тврди на Телеграм шефот на воената управа на Киев Сергеј Попко.