Во Истанбул, Украина потпиша договор за извоз на жито со Турција и ОН.
„Украина, Турција и ОН потпишаа договор за извоз на жито. Документот го потпишаа министерот за инфраструктура на Украина, Олександр Кубраков, турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш“, се наведува на Телеграм профилот на украинскиот портал Страна.
Русија треба да го потпише истиот документ со Турција и ОН, поради што во Истанбул пристигна рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.
Договорот што го потпиша Украина предвидува пристаништата Одеса, Черноморск и Јужни да бидат под контрола на Киев.
Минатата недела во Истанбул разговараа воените делегации на Русија, Турција, Украина и претставници на ОН, а беше постигнат договор за формирање на координативен центар во Истанбул, како и за динамиката на транспортот на житото.
Договорот подразбира создавање безбедносна зона за проверка на бродовите со жито во близина на украинските води, а не во самите пристаништа, а планирано е контролата да ја вршат заеднички Турција и ОН.
Турција доби гаранции дека договорите нема да се користат за воени цели.