Денеска е 51 ден од руската инвазија на Украина.
Зеленски: Издржавме 50 дена, а окупаторите ни дадоа најмногу пет
Во своето последно обраќање до нацијата, украинскиот претседател Владимир Зеленски ја нарече руската инвазија „апсурдна“ и „самоубиствена“. Како што рече, Украинците „издржаа 50 дена од руската инвазија, иако окупаторите им дадоа најмногу пет“.
„Се сеќавам што ми кажаа на 24 февруари. Никој не беше сигурен дека ќе издржиме. Многумина ме советуваа да бегам од земјата. Но, не не познаваа. И не знаеја колку се храбри Украинците, колку ја цениме слободата. Нашата можност да живееме како што сакаме. Не како луѓе кои владеат на таков начин што нивната војска првпат во животот гледа тоалети на окупираните територии и краде дури и обични апарати за домаќинство“, рече тој.
Украина се радува на потонувањето на рускиот крстосувач Моксва
Откако Русија објави дека „Москва“, водечкиот брод на руската Црноморска флота е потопен, Украина прослави.
„Руски воен броду, зар тонеш?“, гласи твитот на официјалниот профил на Украина.
Потсетуваме, Русија тврди дека бродот, кој важи за гордост на руската армија, потонал во бура при влечење, додека Украина тврди дека два нивни противбродски проектили „Непутун“ го погодиле бродот ноќта меѓу средата и четврток.
Силни експлозии во Киев, сирени за опасност низ земјава
Во Киев рано утринава се слушнале силни експлозии, а ширум земјата се огласиле и сирени за воздушна опасност.
Експлозиите, кои се слушнаа во регионот на главниот град на Украина, се најсилни откако руските трупи се повлекоа од таа област на почетокот на овој месец како подготовка за битките на југот и на истокот, јавуваат украинските медиуми.
Нема извештаи за штети по експлозиите пријавени во Киев, Керсон во јужна Украина, источниот град Харков и Ивано-Франковск на западот на земјата, а украинските медиуми објавија дека има прекини на струја во делови од Киев, пренесува Ројтерс.