Денеска е 68-ми ден од војната во Украина.
„Украина ги саботира преговорите со Русија“
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја обвини Украина дека ги саботира преговорите со Русија.
Во интервју за италијанската телевизија Медиасет, Лавров рече дека е „целосно рамнодушен кон она што Владимир Зеленски го негира или не го негира“.
Тој додаде дека на украинскиот претседател „не може да му се верува“ и дека „може да ја менува својата позиција неколку пати во еден ден“, пренесува РИА Новости.“
Продолжуваат евакуациите од Мариупол
Конвојот организиран од ОН и Меѓународниот комитет на Црвениот крст во понеделник ќе се обиде да го напушти Мариупол, се вели во соопштението на градскиот совет на Телеграм.
„Има добри вести. Со поддршка на ОН и МКЦК денеска беа отворени две дополнителни локации за сместување на луѓето во конвојот што ќе го напушти Мариупол“, се вели во соопштението.
Конвојот ќе ги собере цивилите на неколку контролни пунктови во близина на Мариупол пред да ги однесе во две села во близина на Бердјанск во јужна Украина, соопшти градскиот совет.
Британски извештај за конфликтот во Украина
Повеќе од четвртина од руските единици кои се борат во Украина досега станаа „борбено неефикасни“, наведе британското Министерство за одбрана во својот нов извештај.
Некои од најелитните единици во земјата претрпеа највисоки стапки на напуштање.
„На Русија веројатно ќе и бидат потребни години за да ги реконструира овие сили“, се вели во извештајот.
„На почетокот на конфликтот, Русија ангажираше над 120 баталјони, што е околу 65 отсто од нејзината борбена сила. Веројатно е дека повеќе од една четвртина од овие единици сега се борбено неефикасни“, се вели во извештајот.
Експлозии во рускиот град Белгород
Две експлозии се случија во понеделникот во раните утрински часови во Белгород, јужниот руски регион кој се граничи со Украина, напиша гувернерот на регионот Вјачеслав Гладков во објава на социјалните мрежи.
Немаше жртви или штети“, напиша Гладков, пренесува Ројтерс.
Гладков во неделата изјави дека едно лице е повредено во пожар во зградата на руското Министерство за одбрана во Белгород, додека самата куќа е оштетена.