Поради лошата економска ситуација во Непал и новата политика на регрутирање во Индија, зголемен број непалски војници, таканаречените Гурки, им се приклучуваат на руските вооружени сили.

Некои од нив се дури и ветерани на непалската армија, додека една од главните причини за нивното заминување во руската армија е можноста да добијат руско државјанство.

На 16 мај, претседателот на Русија, Владимир Путин, потпиша указ за поедноставување на постапката за добивање руско државјанство за оние кои се приклучуваат на руската армија. Таа понуда е исклучително привлечна за младите мажи од Непал, каде стапката на невработеност е исклучително висока.

Русија им дозволува на странците да потпишат едногодишен договор за учество во Специјалната воена операција. Една од придобивките од тој договор е можноста за добивање руско државјанство за борецот и неговото семејство.

На интернет се појавија неколку видеа на кои се гледаат непалски регрути во руската армија. Некои од нив покажуваат обука на регрутите, а други покажуваат дека одат на локацијата за обука.

Еден од младите со кои разговарал „Непал прес“ бил од регионот Коши. Тој рече дека студирал на руски државен универзитет, но визата му истекувала. Тој објаснува дека по завршувањето на студиите имал две опции – или да се врати во Непал и да остане невработен или да се вработи во руската армија.

– Не учат како да користиме модерно оружје. Тренингот трае во текот на денот, а понекогаш и ноќе. Дури и за време на обуката добиваме плата од околу 50.000 непалски рупии (околу 350 евра) како и осигурување. По една година добиваме државјанство. Ако не умрам, планирам да живеам овде – рекол непалскиот регрут.

Пензионираниот непалски генерал Бинож Басниат за „Јурајјан Тајмс“ изјави дека „по завршувањето на школувањето, голем број млади луѓе бараат работа, но не можат да ја најдат во Непал“.

– Зголемен е бројот на млади луѓе кои сакаат да одат во други земји во потрага по работа и можности – додаде тој.

Кои се Гурките?
Гурките се надалеку познати непалски војници, кои стекнаа светска слава поради нивната вештина и издржливост. Тие биле именувани по непалското кралство Горка, кое британската источноиндиска компанија го освоила и го припоила кон нејзините поседи во Јужна Азија на почетокот на дваесеттиот век.

Иако биле поразени во таа војна, Гурките ги импресионирале Британците со нивната храброст и воинствени вештини. Толку многу што тие регрутирале околу 5.000 непалски војници во своите редови, а набрзо биле формирани три полкови, кои се состоеле исклучиво од Гурки.

До денес, Непал, Индија и Обединетото Кралство се единствените три земји кои имаат елитни единици Гурки во своите редови.

Кога станува збор за Русија, непалските власти на никаков начин не го регулирале заминувањето на нивните граѓани во нејзините вооружени сили, што значи дека тие можат слободно да аплицираат во „лично својство“, пишува „Јураџан Тајмс“.

By Author