Првиот петок по Велигден се вика Источен Петок Балаклија. Тој спаѓа во Светлата недела поради што некои го викаат и Светол Петок, а поради тоа што во светлата недела се блажи, може да се сретне и како Благ Петок. Со овој празник, посветен на Пресвета Богородица, и се оддава признание на мајката Божја, поради тоа што непосредно по Велигден нема друг празник поврзан со нејзиното име.
По традиција првиот четврток и петок по Велигден во манастирскиот комплекс „Свети Димитрија“, која се наоѓа на неколку километри од Велес, православните христијани вечерва и утре го празнуваат празникот Источен Петок-Балаклија, посветен на Пресвета Богородица.
Овој ден се прославува како слава на градот Велес, при што центарот на празнувањето е манастирскиот комплекс „Св. Димитрија“ и околните цркви „Св. Петка“ и „Св. Никола“. И оваа година, како и сите години наназад, велешани масовно ги посетуваат овие три христијански храмови и според христијанските обичаи палат свеќи за здравје.
По повод утрешниот празник Источен петок Балаклија вечерва во манастирот „Свети Димитрија“ ќе се одржи Вечерна богослужба.
Утре изутрина во истиот манастир „Свети Димитрија“ ќе се одржи и Света Златоустова Литургија.
Манастирот Свети Димитрија има интересна историја, тој бил пет века затрупан под земја, за да биде сочуван од османлиите. Во 1820 година откако на сон му се јавил на еден воденичар Петар Здравев повторно е откопан и ја догледува светлината на денот. Велешани со години наназад ја чуваат оваа традиција и масовно по Велигден на манастирската слава го посетуваат манастирот и околните цркви.