Денеска на Министерскиот совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Скопје, Малта беше избрана за претседавач во 2024 година. Ова го соопшти претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи, на завршната прес-конференција на тридневната средба.
„ОБСЕ е спасено. Имаме сигурна и функционална организација“.
Со овие зборови,претседавачот Бујар Османи, ја почна завршната прес конференција на која објави дека е постигнат консензус, иден претседавач да биде Малта, како и да биде продолжен мандатот на четирите лидерски позиции во ОБСЕ, за девет месеци. За постигнатиот консензус, нескромно изјави дека е резултат на успешната дипломатија на македонското претседателство со организацијата.
Малтешкиот министер и иден претседавач се заблагодари на довербата.
Малта беше избрана за претседавач со ОБСЕ во 2024 година.
„Сите членки се согласија за избор на Малта за следен претседавач и продолжување на мандатот на генералниот секретар и три институции во рамките на Организацијата. ОБСЕ е безбеден. Организацијата и нејзината функционалност ја зачувавме за луѓето“, рече Османи.
Како второ решение беше избрана Малта, откако Русија три пати го блокираше изборот на Естонија, која беше единствениот кандидат за претседател на ОБСЕ во 2024 година.
Османи упати честитки до Малта, изразувајќи благодарност за, како што рече, преземањето на оваа мисија во тешки времиња.
На новинарско прашање дали имало „пазарење“ со Русија за постигнување договор на министерскиот состанок, тој рече дека компромисот е во сржта на Организацијата и го изрази своето задоволство што во ваква тешка година одлуките се донесени едногласно, нагласувајќи дека немало „пазарење“ со вредностите на ОБСЕ.
„Бевме гласни во осудувањето на руската воена агресија, но го претворивме и ОБСЕ во платформа за правна одговорност на Русија. Немаше трговија со принципите на Организацијата“, рече Османи.
Со ова заврши и 30-от Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ, на кој учествуваа околу 1.000 делегати од 57 земји членки на Организацијата и земји партнери.