Потрагата по подморницата Титан, која исчезна додека превезуваше туристи до местото на потонатиот брод Титаник во Атлантскиот Океан, сега е повеќе подводна операција, изјави во вторникот адмиралот на крајбрежната стража Џон Маугер.
Досега, операциите за пребарување и спасување се одвиваа пред се на површината на водата и во воздухот.
„Додека продолжуваме да бараме, нашите мисли се со членовите на екипажот и нивните семејства. „Ако има каква било шанса, ќе направиме се што можеме за да се осигураме дека ќе ја лоцираме таа подморница“, изјави Маугер за Си-Ен-Ен.
Проширената потрага вклучува четири дополнителни пловила и пет возила на далечинско управување (ROV), кои имаат можност да одат под вода.
Канцеларијата на американската крајбрежна стража задолжена за североисточниот дел на земјата во средата наутро објави дека канадски авион P-3 открил подводни звуци во областа каде што се бара исчезнатата подморница Титан, пишува Гардијан.
– RC возилата се пренасочени за да се истражат изворите на тие звуци. Возилата пријавиле негативни резултати по претресот, но сепак продолжуваат со работа – објави на Твитер американската крајбрежна стража.
Американската крајбрежна стража додаде дека податоците собрани од канадскиот авион се проследени до американската морнарица, која подетално ќе ги анализира.
Во вторникот на секои 30 минути се детектираат звуци од удар.
Иако се верува дека подморницата има кислород до петок, сè уште постои надеж дека дотогаш ќе бидат лоцирани и извлечени на безбедно.
Веста за тропањето ја пренесоа речиси сите американски медиуми, повикувајќи се на меморандумот што го составиле функционерите на американската држава.
Во меморандумот не е наведено кога се слушнало удирањето во вторник, ниту колку траело. Но, пишува дека се слушнало и дека е регистрирано од сонари четири часа по првото снимање.
Си-Ен-Ен подоцна во вторникот објави дека во новиот меморандум се споменува дека се регистрирани „дополнителни акустични повратни информации“ и дека тоа ќе помогне во „векторирањето на површинските ресурси“.
Сепак, акустичните информации сугерираат дека сè уште постои надеж дека тимовите за пребарување ќе ги лоцираат преживеаните.
Претставниците на крајбрежната стража проценуваат дека во исчезнатата подморница на пат да ги погледне остатоците од „Титаник“ останале „околу 40 часа воздух за дишење“.