Двајца танчери беа повредени на концерт на кантопоп бендот Мирор во Хонг Конг, откако огромен видеоекран закачен над бината падна врз изведувачите додека тие настапуваа на сцената.
Концертот на кантопоп машкиот бенд „Мирор“ беше четврти во серијата од нивните 12 закажани концерти во Хонг Конг, пишува „Гардијан“.
Видеата кои кружат на социјалните мрежи ги прикажуваат членовите на Mirror, Ансон Ло и Едан Луи како настапуваат со десетина танчери на сцената, а во еден момент еден од неколкуте висечки ЛЕД екрани над сцената се срушил. Видеото кое има вознемирувачка содржина го објави и ТМЗ на својот Инстаграм.
Се чини дека екранот удрил еден танчер директно во главата и телото додека паѓал, пред да се преврти на друг изведувач, а публиката притоа вреска од ужас. На помош притрчале и другите изведувачи на сцената.
Полицијата соопшти дека дојава за инцидентот добила во 22 часот и 36 минути, а двата танчери во свесна состојба биле испратени во болницата „Кралица Елизабета“.
Локалните медиуми објавија дека болницата соопшти дека еден од танчерите е во „сериозна состојба“, додека другиот е во стабилна состојба.