Средбата на украинските и руските преговарачи во Истанбул заврши околу 13 часот и 30 минути, соопшти Украинската амбасада во Турција. Разговорите траеја околу четири часа со повремени паузи. Нејасно е дали разговорите ќе продолжат и вториот ден, а двете страни по средбата соопштија кои се нивните главни барања.
Украинските преговарачи открија неколку детали за разговорите во Истанбул, што беше прва средба меѓу двете страни по повеќе од две недели. Украина предложи усвојување неутрален статус во замена за безбедносни гаранции, што значи дека нема да се приклучи на воени сојузи или да отвора воени бази, изјавија за новинарите украинските преговарачи.
Предлозите би вклучиле и 15-годишен период на консултации за статусот на анектираниот Крим и би можеле да стапат на сила само во случај на целосен прекин на огнот, пишува Ројтерс.
Неутрален статус би значело дека Украина нема да се приклучи на ниту еден воен сојуз. Меѓу потенцијалните гаранти на безбедноста на Украина би можеле да бидат Полска, Израел, Турција и Канада.
Преговарачите рекоа дека има доволно материјал во актуелните украински предлози за да се оправда средбата меѓу украинскиот претседател Владимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин, додавајќи дека го чекаат одговорот на Русија.
„Државите гаранти – САД, Велика Британија, Турција, Франција, Германија итн. се правно активно вклучени во заштитата од каква било агресија. Спроведување преку референдум и парламент на државата гарант“, напиша тој на Твитер.
Шефот на руската делегација Владимир Медински изјави дека преговорите биле конструктивни.
„Разговорите беа конструктивни. Ги добивме предлозите на Украина за разгледување – јасно формулиран став за нивно вклучување во договорот. Овие предлози ќе бидат разгледани во блиска иднина, ќе бидат доставени до претседателот и ќе биде даден нашиот соодветен одговор. “, рече Медински.
Тој додаде дека средбата меѓу претседателите Владимир Путин и Владимир Зеленски ќе биде можна откако двете страни ќе постигнат договор.
„Предложениот формат беше следниов – прво се подготвува договорот, потоа договорот го одобруваат преговарачите, го одобруваат министрите за надворешни работи на состанокот, по што се разговара за можноста за средба со шефовите на држави за потпишување на овој договор. . Ова не е лесно прашање, особено што средбата е можна со учество на државите кои гарантираат мир и безбедност во Украина“, изјави шефот на делегацијата.
Тој додаде дека Москва понудила да се одржи состанок на шефовите на држави во исто време со парафирањето на договорот од страна на министрите за надворешни работи.