Борец на Народната милиција на Луганската народна република е убиен вчера при артилериски напад на украинската армија, прв по десетдневниот прекин на огнот, изјави офицерот на прес-службата на Народната република Луганск, Александар Мазејкин.
Според него, од позицијата на 30-та бригада на вооружените сили на Украина во реонот на селото Троицкое, кое е под контрола на Киев, бил отворен оган од артилериско оружје и тешки митралези во с. Веселогоровка.
– За да се заштити цивилното население и да се избегнат нови загуби во редовите на Народната милиција, нашите војници беа принудени да отворат оган – рече Мазејкин, и потсети дека од 17 јануари до вчера, украинската армија не го прекршила примирјето.
Од летото 2020 година, во Донбас е на сила прекин на огнот, што значи целосна забрана за пукање, стационирање оружје во близина на населени места, офанзивни и извидувачки и диверзантски операции. Сепак, податоците на руските безбедносни служби покажуваат дека Киев кон Донбас концентрирал половина од своите војници. Руските медиуми нагласуваат дека тензиите во овој регион ги подгреваат САД и другите земји од НАТО кои ја снабдуваат Украина со оружје и воени инструктори.