Јужноафриканските власти преку дипломатски канали испратија барање до Москва рускиот претседател Владимир Путин да не доаѓа на самитот на БРИКС што треба да се одржи во август во Гаутенг, пишува „Сандеј тајмс“.
Според весникот, повикувајќи се на извори од јужноафриканската влада, официјалните лица не гледаат друга опција освен апсење на Путин по налогот на Меѓународниот кривичен суд во Хаг, кој беше издаден во март.
Според „Сандеј тајмс“, до овој заклучок дошла специјалната комисија на владата, која ја формирал јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса.
Се додава дека Јужна Африка, како и повеќе од 120 други земји во светот, го ратификувала Римскиот статут, главниот документ кој ја регулира работата на МКС. И како последица на тоа, таа е обврзана да ги почитува неговите одлуки, вклучително и налозите за апсење на осомничените за воени злосторства.
– Немаме опција да не го уапсиме Путин. Ако претседателот на Руската Федерација дојде овде, ќе бидеме принудени да го приведеме – изјави неименуваниот функционер.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков претходно изјави дека претседателот на Русија ќе учествува на настанот, но дека форматот на ова учество допрва треба да се договори.
– Ќе учествуваме во работата на самитот што ќе се одржи во Јужна Африка. Секако, на ова ќе претходат нашите билатерални контакти со Јужноафриканците, ќе ја разјасниме нивната позиција – рече Песков.
Од правен аспект, јужноафриканските власти немаат избор, доколку Путин не биде уапсен, тоа ќе биде кршење не само на меѓународното право, туку и на правото на оваа земја, вели Пријал Синг, висок истражувач во Јужноафриканската Институт за безбедносни студии.