Пет швајцарски политички партии денеска потпишаа кодекс на однесување со кој се согласуваат да ја ограничат употребата на вештачка интелигенција (ВИ) во кампањата за сојузните избори што ќе се одржат на 22 октомври.
Во заедничката изјава партиите побараа од своите кантонски комитети да се придржуваат до кодекс на однесување, во кој се наведува дека секоја употреба на вештачка интелигенција за време на политичка кампања мора да биде експлицитно наведена, пренесува порталот „Свисинфо“.
Покрај тоа, употребата на технологија за вештачка интелигенција е забранета за напади против политички противници.
– Вештачката интелигенција овозможува нови форми на комуникација, но претставува и опасност бидејќи потенцијално може да доведе до искривување на фактите или припишување работи на одредени политички актери што тие не би ги кажале, се вели во соопштението.
Меѓу потписниците се и Социјалдемократската партија, Партијата на Центар, Партијата на зелените, Либералната зелена партија и Протестантската партија.
Радикално-либералната партија не го потпиша кодексот на однесување, но е посветена на забрана на каква било злоупотреба на вештачката интелигенција, се додава во соопштението.
Кодексот не е потпишан ниту од најголемата Швајцарска народна партија, која одбива да преземе какви било обврски по ова прашање.
Генералниот секретар на партијата, Питер Келер, изјави за швајцарскиот јавен радиодифузер SRF дека границите на она што се дефинира како „негативна кампања“ се нејасни.