Два брода на британската кралска морнарица патролираат околу островот Џерси во Ла Манш поради најавата за блокада на Франција поради спорот за правото на риба по Брегзит.
Франција се закани дека ќе ја прекине електричната енергија на островот, кој не спаѓа во територијата на Велика Британија, но се смета за „кралски посед“, односно „територија за која е одговорно Велика Британија“.
До ваков развој на настаните дојде откако Џерси минатата недела одлучи да им издаде дозволи за риболов на француските бродови според новиот систем, односно тие имаа право на риболов ако имале право и пред Брегзит, пренесува Би-Би-Си.
Француски рибари, кои тврдат дека неправедно се ограничени нивните права, најавија протести и блокада на пристаништето Сент Хелиер со чамци.
Синоќа британскиот премиер Борис Џонсон му изрази целосна поддршка на Џерси,најголемиот остров на Ла Манш, кој се наоѓа на 22 километри од брегот на Франција.
Тој оцени дека секоја блокада ќе биде „целосно неоправдана“. Џонсон претходно разговараше со премиерот на Џерси,Џон Ле Фондре и со министерот за надворешни работи Јан Горст, по што ја истакна „итната потреба за деескалација на тензиите“.
Според новите правила што Џерси ги воведе врз основа на трговскиот договор меѓу Велика Британија и Европската унија, сопствениците на француски чамци мора да докажат дека и претходно ловеле риби во водите околу островот.
Француските власти тврдат дека за „новите технички мерки“ за риболов околу островите во Ла Манш не се разговарало со ЕУ и оценуваат дека тие се законски „ништовни“.