Жителите на Гриндавик во близина на Рејкјавик стравуваат дека може да се случи вулканска ерупција во нивниот град, со оглед на евидентираните 2.800 земјотреси што се случија во изминатиот ден.
Вулканот Фаградалсфјал на полуостровот Рејкјанес, најмладиот дел на Исланд, се заканува да „збрише“ град со 4.000 жители.
Сите жители се евакуирани во петокот по прогласувањето на вонредна состојба поради заканата за нив, пишува Дејли мејл.
– Навистина сме загрижени за сите куќи и инфраструктура во областа – изјави Видир Рејнисон, шеф на цивилната заштита и управување со вонредни состојби на Исланд.
Тој истакна дека магмата е на многу мала длабочина и дека ерупцијата ја очекуваат „за неколку часа или најмногу за неколку дена“.
– Имаме пукнатина долга околу 15 километри и може да дојде до ерупција каде било на таа пукнатина – рече тој.
На снимките се гледаат огромни дупки кои се отвораат во градот, забележани се проблеми на патиштата, пукнатини на тротоарите и одрони.
Сите патишта кои водат до градот, наводно, се затворени, додека патиштата до меѓународните аеродроми на Исланд на северот на полуостровот остануваат отворени.
– Во петокот, околу четири, земјотресите почнаа да траат без престан… Постојани големи потреси со часови… Помислата дека можеби никогаш повеќе нема да го видите родниот град, тоа е тешко – изјави Гисли Гунарсон, музички композитор.
Луѓето имаа од петнаесет до 30 минути да ги соберат своите работи, а цело време ги придружуваа итните служби задолжени за евакуација на населението.
Министерството за надворешни работи на Обединетото Кралство ја предупреди јавноста дека се поверојатна е вулканска ерупција.
Во официјалното соопштение се вели: „Земјотресите и индициите за вулканска активност се зголемија над нормалното ниво на полуостровот Рејкјанес, југозападно од Рејкјавик. Исландските власти продолжуваат внимателно да ја следат областа, особено областа северозападно од планината Торбјорн во близина на електраната Свартсенги и Сината Лагуна.
Градот Гриндавик е евакуиран како мерка на претпазливост. Некои патишта се затворени и на посетителите им се препорачува да ја избегнуваат областа“.
Бидејќи авиокомпаниите и туристичките компании ќе продолжат да работат нормално, патниците не треба да очекуваат оваа ситуација да ги промени нивните планови.
Сепак, Министерството за надворешни работи на Обединетото Кралство ги предупреди патниците дека ниту едно патување не може да биде „гарантирано дека е безбедно“.
Градот Гриндавик, на околу 40 километри југозападно од Рејкјавик, се наоѓа во близина на слатководниот резервоар и геотермалната централа Сварценги, која е главен снабдувач на електрична енергија за 30.000 жители на полуостровот Рејкјанес.