Најголемиот активен вулкан во светот, Мауна Лоа, стана активен по 38 години мирување
Геолошкиот институт на Хаваи објави дека хеликоптери ќе летаат над поширокото подрачје на ерупцијата за да ја анализираат ерупцијата и количината на испуштен чад и пепел.
Американскиот геолошки институт денеска соопшти дека синоќа еруптирал вулканот Мауна Лоа на Хаваите, најголемиот активен вулкан во светот.
Во соопштението за медиумите се прецизира дека во неделата вечерта започнала ерупцијата во калдерата, проширувањето на кратерот формиран на врвот на вулканот.
„Во овој момент, тековите на лавата се ограничени на областа под врвот на вулканот и не ги загрозуваат населбите во подножјето“, се вели во соопштението, пренесе Ројтерс.
Вулканот последен пат бил активен во март и април 1984 година.
Повеќе од 10 земјотреси со јачина од над 2,5 степени според Рихтеровата скала го погодија регионот во последните два часа, според USGS, вклучително и еден со јачина од 4,2 степени.