Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Турција останува посветена на прашањето за членството на Шведска и Финска во НАТО, а тоа е дека двете нордиски земји во моментов не можат да влезат во Алијансата додека не ги исполнат очекувањата на Анкара.

– Нема да го промениме ставот додека не се исполнат нашите очекувања што им ги пренесовме на соговорниците – рече Ердоган, пренесе Анадолија.

Шведска и Финска официјално поднесоа барање за влез во НАТО на 18 мај, што беше поттикнато од руската војна против Украина, која започна на 24 февруари.

Турција, долгогодишна членка на Алијансата, се спротивстави на нивните кандидатури за членство, критикувајќи ги нордиските земји дека толерираат, па дури и ги поддржуваат терористичките групи како ЈПГ/ПКК и ФЕТО, додаде Анадолија.

За да може една земја да влезе во НАТО, сите 30 членки на Алијансата треба да ја поддржат нејзината кандидатура.

By Author