Најмалку 77 лица се повредени во пожар и експлозија na резервоар за сурова нафта во пристаништето Матанзас, Куба, соопштија локалните власти.
Седумнаесет пожарникари кои се обидувале да спречат ширење на пожарот се водат за исчезнати, се наведува на официјалниот Твитер профил на претседателскиот кабинет на Куба.
Властите соопштија дека спасувачките екипи не можеле да стигнат до нив поради високите температури.
Пожарот избувнал во петокот околу 19 часот по локално време кога гром удрил во резервоар за складирање сурова нафта во истоварната област на пристаништето Матанзас, соопштија кубанските власти. И покрај напорите на пожарникарите да го стават под контрола, рано изутрината имаше најмалку четири експлозии во пристаништето.
Кубанските власти објавија дека побарале меѓународна помош за гаснење на пожарот. Сликите објавени на социјалните мрежи во саботата наутро покажаа огромен облак црн чад што го преминува градот Матанзас и се протега на 63 милји западно до Хавана.
Весникот Гранма јавува дека во пожарот се повредени најмалку 77 лица. Три лица се тешко повредени, а уште две се во критична состојба.
Меѓу повредените со полесни изгореници има и тројца новинари кои пристигнале на местото на пожарот околу 04:00 часот, кога дошло до експлозија во друга цистерна со нафта во која имало 52.000 кубни метри мазут.
Објектот за складирање нафта се наоѓа во областа на заливот Матанзас спроти центарот на градот. Според државните медиуми, досега се евакуирани 800 жители од околните области. Првиот резервоар што го удри гром беше со половина капацитет и содржеше околу 25.000 кубни литри кубанска нафта. Локалните власти соопштија дека системот за громобрани не успеал да го спречи пожарот.
Кубанскиот лидер Мигел Дијаз-Канел во петокот вечерта отпатува за Матанзас и ги посети повредените во саботата наутро. Одделот за транспорт ги суспендираше сите активности во пристаништето Матанзас, а сите бродови беа пренасочени кон пристаништето Хавана за истовар.
Извор: Курир