Трет ден по ред одекнуваат експлозии и истрели низ суданскиот главен град Картум. Граѓаните на главниот град на Судан, како и на другите градови, се во своите домови веќе 72 часа додека на улиците беснее битката меѓу армијата и моќните ривалски групи кои се борат за контрола на земјата. Според податоците на ОН, од почетокот на конфликтот, најмалку 185 луѓе се убиени, а 1.800 се ранети.
Најмалку 185 луѓе се убиени, а 1.800 се ранети од почетокот на конфликтот во Судан, објави синоќа претставникот на Обединетите нации Волкер Петерс.
Во понеделникот беше пукано и врз американски дипломатски конвој, но никој не беше повреден, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
„Оваа акција е непромислена и секако неодговорна“, изјави Блинкен за новинарите по разговорите на Г7 во Јапонија, пренесува Би-Би-Си.
Претходно шефот на дипломатијата на Европската унија, Жозеп Борел, синоќа соопшти дека амбасадорот на ЕУ во Судан бил нападнат во неговата резиденција.
Експлозии и истрели одекнаа во Картум, а граѓаните на суданската престолнина и другите градови во таа земја минаа трет ден по ред во своите домови.
Во исто време, армијата и моќната ривалска група се борат на улиците за контрола над земјата, наведува АП.
Завојуваните страни користат тенкови, артилерија и друго тешко оружје во густо населените области. Борбени авиони летаат над градовите, а противвоздушната одбрана реагира. Бројот на загинати може да биде многу поголем бидејќи има многу тела на улиците, особено околу централниот дел на Картум кој е недостапен поради конфликтот.
Во Судан беснеат вооружени судири меѓу воените единици лојални на генералот Абдел Фатах ал-Бурхан, шеф на преодниот владејачки суверен совет во Судан, и паравоените сили за брза поддршка (РСФ), предводени од генералот Мохамед Хамдан Дагало, познат како Хемедти, кој исто така е заменик-претседател на Советот. Под меѓународен притисок, Бурхан и Дагало неодамна се согласија на рамковен договор со политичките партии и продемократските групи, но потпишувањето беше постојано одложувано бидејќи растеа тензиите околу интеграцијата на РСФ во вооружените сили и идниот синџир на команда.