Во изјавата што ги направи среќни сите оние кои сакаат да патуваат, Европската комисија вчера препорача да се намалат ограничувањата за влез во 27-те членки на блокот, додека кампањата за вакцинација низ европскиот континент доби интензитет.
Според предлогот на Комисијата, влезот во блокот ќе биде достапен од следниот месец за секој што ќе ја прими последната доза на една од вакцините одобрени во ЕУ најмалку две недели пред патувањето. Европската медицинска агенција (ЕМА) досега одобри употреба на вакцини произведени од „Фајзер“, „Модерна“, „АстраЗенека“. ЕМА сè уште нема одобрено вакцини од Русија или Кина, но започна процес на разгледување на руската вакцина Спутник В.
Членките на ЕУ исто така можат индивидуално да одлучат да примаат патници имунизирани со вакцини за кои Светската здравствена организација издаде вонредно одобрување. СЗО ги одобри истите четири вакцини како ЕМА и се очекува наскоро да донесе ваква одлука за кинеската вакцина Синофарм.
Препораката на ЕК е да децата, кои сè уште не можат да бидат имунизирани, да патуваат со своите родители со негативен тест за PCR, иако е можно дополнително тестирање по влегувањето во една од членките на блокот.
Комисијата се надева дека ова ќе помогне во обновата на економијата во текот на летото.