Свети Василиј Велики е еден од тројцата најголеми црковни учители од четвртиот век. Родум бил од Кападокија, а завршил школо во Атина. Тој бил голем христијански филозоф, а се прославил и како епископ и заштитник на чистотата на православното учење. Свети Василиј Велики се упокоил на 14 јануари во 379 година.
Василица или Стара Нова година, како што меѓу народот е познат, е празник за кој во традицијата на Македонците има најмногу обичаи.
Тие генерално имаат сличности, но се разликуваат во нијанси од едно до друго место. Култот што за овој празник е изграден е толку голем, што го прави еден од најпразнуваните празници по Велигден, Божиќ и Водици.
Православните христијани кои се водат според Јулијански календар денес ќе ја пречекаат Православната или Старата нова година,, а утре се слави Василица, оние што го носат името на свети Василиј Велики го слават својот именден.
На Василица верниците кршат и пита со паричка и исто така се верува дека оној на кој ќе му се падне паричката ќе биде среќен во текот на целата година.
Оваа традиција потекнала од настанот кој се случил во времето на свети Василиј.
– Во времето кога свети Василиј Велики станал архиепископ кесариски, епархот на Кападокија, кој бил многу алчен и груб човек, имал обичај редовно да доаѓа со својата војска и да го ограбува градот. Кога на свети Василиј му јавиле дека епархот повторно доаѓа, тој побарал од богатите луѓе во Кесарија да ги донесат сиот свој накит и златници. Кога епархот пристигнал, свети Василиј го пречекал и му го понудил богатството. Епархот се изненадил и одбил да земе што било, ниту пак го ограбил градот. Свети Василиј останал со сиот накит и златници токму на новогодишната вечер, не знаејќи што кому му припаѓа. Тогаш просветлен од Господ, ги замолил готвачите да направат мали лепчиња за секој верник. Во секое лепче ставил малку накит и златници. На денот на Нова година, кога сите луѓе дошле в црква, тој на секој му дал по едно лепче. Тоа што секој го нашол во лепчето било токму тоа што претходно го дал – пишува во житието за свети Василиј.
Старата година се испраќа и со палење василичарски огнови, кои се симбол на божествената светлина што, според народното верување, ги прогонуваат лошите сили.
Во голем дел од градовите низ Македонија се организираат маскенбали, или популарно наречени василичарски карневали. Нивното одржување се поврзува со испраќањето на Старата година и дочекот на Новата, за која се верува дека треба да биде подобра и посреќна. Најпознат е Вевчанскиот карневал.