Денес е страшниот суд за Бога; му суди човечанството. Денес човекот го оценува Бога.
Велики Петок — пети ден од Страдалната Седмица, христијански празник на денот кога е распнат Исус Христос. Овој ден е посветен на спомнувањето на осудувањето на смрт, Крстните страдања и смртта на Спасителот.
Настанот кој е поврзан со овој празник е Христовото распнување. Поради тоа што Христовата личност е божествена, тој единствен меѓу луѓето кој немаше никаков грев, или поинаку кажано се одликуваше со извонредна етичка чистота.
Велики петок освен Велипеток уште се вика и Распет Петок зашто на овој ден е распнат Исус Христос. Поради тоа овој ден се смета за најтежок празник во годината, тогаш не се работи дури и не се готви храна. Се вели дека на овој ден не треба да се јаде, а камоли да се работи. Како на строг пост, како што се вика „пост на вода“ тој ден во црквата луѓето се честат со леб, пипер, и сол. Некои луѓе јадат стоејќи, а други ништо не јадат цел ден сочувствувајќи со распнатиот Исус. Тогаш се оди во црквата каде што оставаат дарови на Распетието Христово, а цвеќето на „плаштеникот-оплакувањето Христово“. Секој што тука остава цвеќе зема друго и го носи дома за здравје.
Православниот канон за Великпеток предвидува строг пост со вода, а многу верници на тој ден не пијат, ниту јадат до зајдисонце. За овој ден Црквата пропишува најстрог пост, денот да помине без јадење и пиење (освен за немоќните и престарените), во знак на таговно сеќавање на настаните од она време. Покрај постот, на денот на христијанската жалост не се работи по дома, ниту на поле.
Легендата вели дека црвените јајца заедно со поздравот „Христос воскресе“ прво ги употребила Марија Магдалена. Таа секогаш ги слушала проповедите на Исус, прва дошла на неговиот гроб во неделата наутро, прва го видела гробот празен, прва го видела и Исуса воскреснат, а по неговото вознесение на небото тргнала по светот за да го проповеда неговото учење, но и вистината за неговата маченичка смрт, како и неговото воскресение. Кога стигнала во Рим Марија Магдалена го посетила и императорот Тибериј и подавајќи му црвено јајце го поздравила со зборовите „Христос воскресе“. Со тоа го започнала разговорот со императорот на кого како очевидец му зборувала за Исус и неговите добри дела (лекувањето болни, воскреснувањето мртви и сл.), за неправедното обвинување и маченичката смрт. Откако ги ислушал убедливите и аргументирани сведоштва на Марија Магдалена императорот Тибериј го нашол за виновен римскиот управник во Јудеја Понтие Пилат, кој иако имал моќ не го заштитил праведниот Исус, поради што за казна го преместил во Галија каде што овој умрел од тешка болест и во царска немилост. За ваквите заслуги на Марија Магдалена Светата црква ја прогласила за рамноапостолна и за прва благовесница на Христово воскресение.